Општина Неготино во соработка со UNDP во наредните 5 месеци ќе ја спроведува пилот програмата ,,Општинска корисна работа,, која претставува една од 9-те активни мерки на Владата на РМ за вработување наведени во оперативната програма за периодот 2012-2015 година. Преку оваа програма, локалната самоуправа Неготино ангажираше 6 лица од женски пол- корисници на социјална помош и евидентирани невработени кои во времетраење од 5 месеци ќе бидат ангажирани како асистенти-помошници на воспитувачките во веќе постоечките 6 игрални за деца кои функционираат во руралните средини и тоа секојдневно во 5-те работни денови во време од 4 часови. Меѓу другото, тие ќе помогаат во секојдневниот прием и испраќање на децата, ќе водат грижа за нивната безбедност, ќе им асистираат на воспитувачките за време подготовките и реализацијата на одредени воспитни содржини, а ќе извршуваат и други работи во договор и координација со одговорниот воспитувач. Средствата за спроведувањето на овој проект ги обезбеди UNDP, а на ангажираните лица им се исплаќаат преку општина Неготино врз основа на склучените договори.