Осмото издание на оваа реномирана културна манифестација во Општина Неготино во втората, августовска фаза досега донесе два одлични културни настани кои наидоа на одличен прием кај неготинската публика. Третиот и последен настан од оваа фаза на манифестацијата, претставува уште една одлична можност за љубителите на уметноста и воопшто културата да бидат дел од комплетен уметнички перформанс во кој ќе бидат содржани неколку различни области од културата – сликарство, театар, музика и поезија. Перформансот насловен како “ART HAPPENING” ќе биде реализиран во соработка со Галеријата “Арт-М” од Неготино на градскиот плоштад во Неготино во сабота, 5 септември со почеток од 20.30 часот. И овој, како и претходинте настани од оваа манифестација е финансиран од буџетот на општина Неготино и Министерството за култура на Република Македонија. Со реализацијата на ова културно случување, во општина Неготино ќе биде затворено овогодинешното осмо издание на манифестацијата “Tопол културен бран”.