На пригодна свеченост која се одржа во големата сала на општина Неготино со доделувањето на нови над 100 вредносни ваучери беше одбележан јубилејот – 3 години од започнувањето на проектот за стимулирање на наталитетот во општина Неготино . Денеска беа доделени 99 ваучери за новороденчиња, како и 5 ваучери за машки лица над 40 години кои за прв пат стапуваат во брак. „Од август 2013-та година кога започна примената на мерката за стимулирање на наталитетот, а која општина Неготино ја воведе како втора по ред локална самоуправа во Македонија, во изминатиот период од 3 години доделивме над 600 вредносни ваучери во вредност од 7.000 денари за прво или второ родено дете, 14.000 денари за семејствата кои имаат трето дете и 30.000 за машки лица над 40 години кои за прв пат стапуваат во брак“-истакна градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов на денешната пригодна свеченост на која беа доделени нови над 100 ваучери и на која беше одбележана 3-годишнината од започнувањето на проектот. Со истиот, потенцираше Апостолов, успеавме да ја зголемите стапката на наталитетот во општина Неготино за околу 20 отсто, а задоволството од проектот редовно го искажуваат и самите корисници на ваучерите кои додаваат дека за нив како млади родители секоја финансиска поддршка е добредојдена, па така и оваа која ја доделува општината. Градоначалникот најави дека реализацијата на овој проект ќе продолжи и во наредниот период.