Со прием на делегациите во кабинетот на градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов, фолклорно дефиле по улиците на градот со учество на повеќе културно-уметнички друштва и закројување на виновата лоза во дворот на неготинската црква „Св. Атанасиј“ започнаа денешните активности за одбележување на празникот „Свети Трифун“-заштитникот на лозарите и овоштарите. Централната прослава се одвиваше на градскиот плоштад во присуство на илјадници граѓани кои дојдоа да го проследат настанот, гости од земјава и странство од збратимените градови Наџиката и Попово, неговата екселинција амбасадорот на Унгарија во Македонија Ласло Иштван и други. Свештено лице од МПЦ„Св. Атанасиј“ изврши попрскување на импровизираната лоза со светена вода, за веднаш потоа градоначалникот Апостолов и заменик-министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски да го извршат симболичниот чин на закројување на лозата и да им посакаат на лозарите квалитетен род. Во продолжение беа доделени наградите и признанијата на најдобрите индивидуални производители на вина и ракии, а присутните на плоштадот имаа можност да уживаат во богатата културно-забавна програма и да дегустираат од изложените вина и ракии на штандовите на винариите.