Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев придружуван од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и советничката за земјоделски политики Ленче Николовска присуствува во Неготино на централната манифестација од Неделата на виното која во нашиот град се одржа по повод традиционалното одбележување на празникот на лозарите и винарите Свети Трифун. Меѓу присутните гости беше и Неговата Екселенција амбасадорот на Франција во Македонија Кристиан Тимоние, делегации од збратимените градови Попово и Наѓката, пратеници во Парламентот, градоначалници и други гости кои го исполнија градскиот плоштад и го следеа настанот. Премиерот Заев најпрво оствари средба со градоначалникот на општина Неготино Тони Делков, а веднаш потоа сите присутни се упатија на плоштадот каде што ги посетија поставените штандови, разговараа со граѓаните и дадоа изјава за медиумите. Во своето обраќање пред присутните, градоначалникот Делков истакна дека оваа година беше понуден нов концепт, нови содржини и настани и подобра понуда и услуги водејќи се од визијата Свети Трифун-Неготино да биде вински фестивал вреден за почит, придружен со добра забава за сите генерации и со префинет вкус на традицијата. Неготино, потенцираше Делков, тоа го заслужува бидејќи има одлична местоположба и токму овде се произведуваат најдобрите вина од најдобрите винарии, а тенденција е овој настан да добие комерцијална и додадена вредност и да стане препознатлива стопанско-туристичка манифестација. Свештено лице од МПЦ „Свети Атанасиј“ го изврши обредот на осветување, по што следеше и чинот на симболично закројување на импровизираната лоза. Присутните на плоштадот имаа можност да уживаат во богата културно-уметничка програма со настап на фолклорни друштва и познати имиња од македонската естрада.