Со положување на свежо цвеќе на спомен бистите на паднатите борци од НОБ лоцирани во паркот до општина Неготино, пригодни говори, рецитали и културно-уметничка програма, а во присуство на голем број граѓани од општината и гости од други градови од Македонија, во Неготино се одбележаа 75 години од воените настани случени во 1943 година. Станува збор за формирањето на партизанскиот одред „Добри Даскалов“, „Јунската офанзива“ и загинувањето на првите партизани од општина Неготино пред чии спомен бисти се одвиваше денешниот настан. Во чест на одбележувањето на овој значаен јубилеј од Народноослободителната борба и во спомен на борците кои ги положија животите за слободно Неготино и слободна Македонија, свежо цвеќе положи делегација на општина Неготино предводена од градоначалникот Тони Делков, претставници на Сојузот на борци од нашиот град, како и претставници на боречките организации од Битола, Кавадарци, Штип, Струмица, Виница и Гевгелија. За присутните на настанот беше подготвена и истите имаа можност да проследат богата културно-уметничка програма.