Деновиве во дворот на Општинската Установа Музеј на град Неготино, се отвори изложбата “ГОЛЕМОТО СИНО“ или “ФОРТИФИКАЦИЈА НА СИНО“ на младата уметница Валентина Илијевска. Оваа самостојна изложба на минијатури е продолжение на приказната започната во 2013-та година со мини-артури. Минијатурите се поставени како бедемски страни кои го штитат дводимензионалниот досега син квадрат кој провејува низ целокупното творештво на Валентина. Сега, овој квадрат е поставен тродимензионално, оправдувајќи го постоењето покрај со метафизичкиот свет, сега и со својата објективност. Изложбата содржи 28 минијатури поставени на седум постаменти кои ги симболизираат седумте светски чуда. Станува збор за корпус од дела поставени на седум пункта, тематски и стилски поврзани со еден концепт којшто во себе вклучува цртеж, објект и просторна интервенција.